По две години крвопролевање и илјадници човечки животи изгубени, во Газа конечно се гледаат сцени на надеж и олеснување. Илјадници Палестинци пешачеа по должината на брегот, во автомобили и колички, враќајќи се во своите напуштени домови што со месеци беа под постојани напади.
Според „Ројтерс“, во моментов прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас се почитува, а израелските сили се повлекоа во рамките на првата фаза од договорот постигнат со посредство на САД.
„Ова е неописливо чувство; фала му на Бога“, вели Набила Басал, која со својата ќерка, повредена во војната, конечно се врати дома. Илјадници жители ја делат истата радост – иако се враќаат меѓу урнатини, тоа за нив значи нов почеток.
Во првата фаза од договорот, Израел треба да ослободи 250 Палестинци кои издржуваат долги казни, како и 1.700 лица приведени за време на војната, додека Хамас ќе ослободи израелски заложници. Истовремено, стотици камиони со храна и медицинска помош веќе влегуваат во Газа.
Сепак, и покрај олеснувањето, неизвесноста останува. Планот за траен мир, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, содржи 20 точки, но многу од нив сè уште не се договорени – меѓу нив и прашањето кој ќе управува со Појасот Газа и каква ќе биде иднината на Хамас.
Трамп најави дека во понеделник ќе го посети регионот и ќе се обрати пред израелскиот парламент, што ќе биде прво вакво обраќање на американски претседател по Џорџ В. Буш во 2008 година.
Светот внимателно го следи секој чекор. По години разурнување, човештвото се надева дека ова е вистинскиот почеток на крајот на најкрвавата војна на Блискиот Исток во новиот век.