Мо Гаудат, поранешен извршен директор за иновации во Google X, излезе со драматично предупредување – човештвото влегува во најопасната ера на вештачката интелигенција, која ќе започне уште во 2027 година и ќе трае најмалку 15 години, оставајќи зад себе економски и социјален хаос.
Гаудат објаснува дека АИ ќе ги замени луѓето во милиони работни места, не само во фабриките и нискоквалификуваните професии, туку и во бели јаки позиции – програмери, менаџери, па дури и новинари и креатори на содржини.
„Во следните две години, АИ ќе достигне ниво на кое ќе извршува задачи подобро и побрзо од човек. Последиците ќе бидат огромни“, предупреди тој.
Еден од најмрачните делови од прогнозата е исчезнувањето на средната класа, а целиот капитал ќе се концентрира кај најбогатите. „Во светот што доаѓа, ако не сте во горните 0,1%, системот ќе ве смета за селанец“, вели Гаудат.
Овој развој, според него, може да предизвика масовна невработеност, сиромаштија, пораст на ментални болести и изолација. Како потенцијално решение тој предлага универзален основен приход и строга регулација на АИ-технологиите.
„АИ мора да се развива со морален компас. Ако единствената цел биде профит, човештвото ќе плати огромна цена“, нагласува Гаудат.
Сепак, експертот гледа и надеж: по турбулентниот период, околу 2040 година може да настапи стабилизација – време кога луѓето ќе бидат ослободени од рутинските работи и ќе можат да се насочат кон заедницата, уметноста, духовноста и љубовта.