Нова дипломатска драма се одвива меѓу САД и Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека историски договор меѓу двете земји треба да биде потпишан денес. Сепак, од Техеран брзо пристигна остар демант, со тврдење дека договорот сè уште не е подготвен за потпис.
Трамп порача дека новиот договор ќе спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје и ќе овозможи повторно отворање на стратешки важниот Ормуски Теснец. Според него, станува збор за целосно нов пристап кој нема никаква сличност со претходните договори на Вашингтон со Техеран.
Но, иранските власти веднаш ја оспорија неговата изјава. Револуционерната гарда соопшти дека меморандумот сè уште не е финализиран и нагласи дека потпишување во текот на денот нема да има. Дополнително, од Иран тврдат дека Трамп инсистира на токму овој датум бидејќи се совпаѓа со неговиот роденден и сака евентуалниот договор да го претстави како личен политички триумф.
Иако двете страни признаваат дека преговорите напредуваат, остануваат сериозни несогласувања околу иранската нуклеарна програма, регионалните сојузници на Техеран и замрзнатите финансиски средства.
Дополнителна неизвесност создава и прашањето за иранските резерви на високо збогатен ураниум. Според медиумски извештаи, Иран во последните недели значително го отежнал пристапот до своите нуклеарни залихи, додека Трамп најави дека САД имаат план како да се справат со тој проблем.
И покрај тензиите, посредниците во процесот веруваат дека договорот е поблиску од кога било и дека конечен пробив би можел да биде постигнат во наредните денови.








