Жител на француското гратче Невил-сур-Саон, близу Лион, направи неверојатно откритие додека копал за изградба на базен – пронајде пет златни прачки и многу монети со вкупна вредност од околу 700.000 евра.
Мажот веднаш го пријавил на регионалната дирекција за културни работи, а локалните власти потврдиле дека може да го задржи богатството, бидејќи не станува збор за археолошки предмети.
Весникот „Ле Прогрес“ наведува дека златото било закопано во пластични кеси. Полицијата утврдила дека металите биле легално набавени и стопени пред 15-20 години во локална рафинерија. Претходниот сопственик на градината починал, а останува мистерија како токму таму завршило богатството.
Овој случај стана предмет на внимание во локалните медиуми, а среќниот Французин сега е сопственик на импозантно богатство кое не очекувал да го најде во својата градина.
















