Дека кучето е најдобриот пријател на човекот е изрека за која властите во Мароко очигледно немаат слушнато. Земјата има околу три милиони кучиња скитници и наводно планира сите да ги убие за градовите да изгледаат „попривлечно“ за меѓународните посетители за време на Светското првенство во фудбал во 2030 година. Масакрот веќе е започнат, ги убиваат овие животни „како тоа да е спорт“, методите се незамисливо брутални, а во потерата по недолжните кучиња биваат ранети и луѓе.
Северноафриканската нација, како што беше потврдено уште во 2023 година, ќе биде коорганизатор на спортската манифестација заедно со Шпанија и Португалија. Активистите за правата на животните тврдат дека целта на Мароко е градовите и туристичките места во земјата да изгледаат почисто и побезбедно, а тоа ќе го направат така што ќе ги убијат кучињата скитници?!
Ги изгладнуваат кучињата, па потоа живи ги спалуваат?!
Не им е доволно што ги елиминираат животните кои се на улиците исклучиво поради човечкиот фактор, туку почнаа да користат и сурови методи – кога ќе ги фатат ги стегаат за вратот, ги фрлаат во камиони и ги трујат или ги убиваат со оружје, а на крајот труповите ги фрлаат во масовни гробници, пишува британскиот весник „Дејли мејл“. Сведоци изјавиле и дека некои кучиња биле изгладнувани со денови пред да бидат живи запалени.
„Кога одам на училиште, наидувам на локви крв. Не е нормално да го започнете денот така што ќе прескокнувате мртви тела на кучиња. Ги убиваат кучињата како тоа да е спорт, како што ловците ловат патки“, изјави претходно за „Си-Ен-Ен“ Амина (19) од Ифран, мал планински град во Мароко.
Ова е пракса која, за жал, постои веќе со години, но сега бруталната акција е интензивирана. Во февруари 2024 година, во текот на ноќта ја разбудило пукање, а кога излегла надвор, затекнала три мртви кучиња во контејнер. Едно од нив било мажјак од расата хаски, куче кое го познавала од соодсетството.
„Бев престрашена. Го зедов хаскието, беше целиот со крв. Не знаев што да правам. Се чувствував толку беспомошно“, ги опиша таа језивите сцени.
Според зборовите на Лес Ворд, шеф на Меѓународната коалиција за заштита на животните (IAWPC), вооружени мажи излегуваат на улиците главно ноќе и пукаат во кучињата или ги ловат и ги одведуваат за да ги отрујат. „Кучињата едноставно исчезнуваат“, додаде тој.
Во текот на потерата по кучињата, рануваат и луѓе!
Не се во опасност само кучињата. Сопственикот на кафуле Абдерахим Суми (34) претходно за „Си-Ен-Ен“ раскажа дека во бркотницата на пореметените „фаќачи на кучиња“ бил ранет во коленото и во бутот.
Според неговите зборови, токму ја завршувал смената кога покрај него пролетало куче, а по него и автомобил од кој се пукало во престрашеното животно. Три куршуми го погодиле него, но тој смета дека напаѓачот воопшто не ни регистрирал што направил, туку само продолжил понатаму, додека Суми останал да крвари на тротоарот.
За среќа, тука се нашле случајни минувачи кои повикале Брза помош, па бил пренесен во болница во Казабланка. Полицијата, како што истакнува тој, подоцна му кажала дека возилото и припаѓа на општината.
„Дојде до таа точка што и луѓето се во опасност. Не смеете да дозволите вакво пукање да се случува на улиците, особено за време на Светското првенство кога тука ќе престојуваат илјадници туристи“, изјави Ворд од IAWPC за „Си-Ен-Ен“.
Постојат кланици за кучиња, ловат дури и мачки и нечии домашни миленици
Како што пишува „Њујорк тајмс“, на периферијата на Маракеш, град кој ќе биде домаќин на некои од натпреварите за време на Светското првенство, се наоѓа т.н. „центар за убивање“, што е буквално кланица за кучиња. Од кланицата е невозможно да се излезе, а шинтерите уште од 11 часот тргнуваат со мали, бели комбиња да ловат кучиња низ градот. Внатре во комбињата, несреќните животни тажно цвилат и гребат во обид да излезат.
Влезот во објектот каде што се врши монструозното мачење и убивање е оневозможен, пишува американскиот медиум. „Не, не, кланица“, тоа е она што го зборуваат вработените на секој кој ќе се обиде да влезе и ги туркаат што подалеку. „Дејли мејл“ наведува дека во кланиците постојат дури и куки за месо, како оние во сушарите.
Овој објект од пеколот е само еден од многуте во Мароко. Најлошо од сè е што, како што пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на изјави на локалното население, се ловат и мачки, па дури и животни кои се нечии домашни миленици и кои имале чипови во согласност со законот. Еден Мароканец успеал да им го врати кучето на своите деца, но, како што тврди, несреќното животно имало рани на вратот кои укажувале дека било избодено со нож.
Ерин Капетан, со потекло од Индијана, се преселила со сопругот во Казабланка пред две години и брзо се врзала за локалните кучиња скитници. Како што изјави за „Си-Ен-Ен“, почнала да се грижи за две кученца: ги вакцинирала, ги хранела, ги гледала како растат. Потоа, едно по едно, кучињата од соседството почнале да исчезнуваат.
„Беа пред нашата куќа кога ги одведоа, ги шутираа, на едното од ударите му ги скршија шепите, а другото го убија. Бев престрашена. Тоа е толку варварски, што не можете ни да замислите. Повеќе не можам ни да спијам“, ја раскажа таа незамисливата тортура.
Апели од организациите за заштита на животните
Од IAWPC соопштија дека на Мароко ова не му е првпат, туку дека се работи за шема на масовно убивање животни пред големи меѓународни настани, додавајќи дека организациите како ФИФА не издаваат наредби, но ефикасно ја дозволуваат таа пракса. IAWPC поднесе извештај до ФИФА на 91 страница, со фотографии кои ги документираат труењата, изгладнувањата и убивањата на кучињата со оружје. Наспроти доказите, останува прашањето колку сериозно се сфаќаат овие обвинувања.
Портпаролката на ПЕТА, Кејти Крајар, изјави дека Мароко се обидел да го сокрие фактот дека „кучињата ги трујат, ги стрелаат и живи ги запалуваат со цел да ги 'исчистат' за Светското првенство“. Покрај оваа, и бројни други организации протестираа ширум светот, а ПЕТА исто така се обрати до ФИФА со итен апел да му го одземе правото на Мароко да биде коорганизатор на турнирот.
По овој повод се огласија и бројни холивудски актери и други јавни личности, а постојат и апели за прекин на убивањето кучиња во Мароко на социјалните мрежи.
Портпаролот на ФИФА изјави дека Мароко, за време на својата кандидатура за Светското првенство во фудбал во 2030 година, ја нагласил својата посветеност кон зачувување на благосостојбата на животните.
Амбасадата на Мароко во Лондон ги демантираше тврдењата за убивање кучиња скитници. Од друга страна, Мохамед Рудани, шеф на Одделението за јавно здравје и зелени површини во Министерството за внатрешни работи на Мароко, се обиде во јуни минатата година да го оправда ова језиво злоставување и убивање.
„Кучињата скитници претставуваат сериозен ризик по јавното здравје, особено како пренесувачи на беснило. Околу 100.000 луѓе биваат каснати секоја година, од кои 40 проценти се деца помлади од 15 години. Постои правен вакуум (општините се одговорни за напуштените животни, а не националната влада). Некои градови сè уште се потпираат на традиционалните методи, а во моментов не постои закон против убивање кучиња скитници“, нагласи Рудани.









