Голем пожар избувна во луксузниот хотел „Вива“ во туристичката област Бајаибе, во провинцијата Ла Романа во Доминиканската Република, предизвикувајќи паника меѓу гостите и брза реакција на противпожарните служби.
Според локалните медиуми, густ чад се издигнал над хотелскиот комплекс, а на социјалните мрежи се појавија снимки и фотографии кои ја покажуваат сериозноста на пожарот. На местото веднаш биле испратени повеќе противпожарни екипи, кои работат на локализирање на огнената стихија и спречување на нејзиното ширење кон останатите објекти во туристичкиот комплекс.
Од безбедносни причини, сите гости биле итно евакуирани и префрлени на безбедна локација. Засега нема официјални информации за повредени лица или жртви.
Причината за избувнувањето на пожарот сè уште не е позната, а надлежните институции најавија истрага по целосното локализирање на огнот.
Хотелот „Вива“ е меѓу попознатите туристички комплекси во Доминиканската Република и е популарен меѓу туристите од Европа и Балканот.









