Бундестагот денеска официјално го одобри повторното воведување на делумна воена обврска со цел значително да го зајакне составот на германските вооружени сили, како одговор на новите безбедносни предизвици со кои се соочува земјата.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус од Социјалдемократската партија истакна дека слободата не може да се одржува без ангажман на граѓаните. Тој нагласи дека демократијата бара луѓе кои активно ќе ја штитат, а не оние кои од страна чекаат тоа да го стори некој друг.
Новото законско решение предвидува воената служба да остане на доброволна основа, но со важен дополнителен механизам. Доколку во одредени години нема доволно пријавени доброволци, Бундестагот ќе може привремено да активира краткорочна задолжителна воена обврска, со цел да се надополни недостигот на регрути.
Од 18-годишната генерација ќе се бара задолжително да пополнат прашалник за својата подготвеност и способност за евентуална воена служба. Обврската за пополнување на овој формулар ќе важи исклучиво за младите мажи.
Германија, според обврските преземени на ниво на НАТО, мора да има 260.000 активни војници во Бундесверот. Во моментов, германската армија располага со околу 185.000 војници, што значи дека новите мерки имаат за цел да го пополнат овој значителен недостиг.
Доброволната служба, според новиот систем, би траела шест месеци и би носела месечна плата од околу 2.600 евра, што германските власти го сметаат за мотивирачки фактор за младите.
Во исто време додека траеше дебатата во парламентот, низ целата земја избувнаа протести против воведувањето на новиот модел на воена обврска. Најголемиот дел од демонстрантите беа средношколци кои протестираа под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“, изразувајќи страв дека младите ќе бидат изложени на зголемени воени ризици.
Воената служба во Германија беше укината во 2011 година поради уставни ограничувања, бидејќи претходниот систем не можеше да обезбеди рамноправно вклучување на цела генерација. Новиот модел настојува да го реши токму овој проблем, истовремено овозможувајќи флексибилно реагирање во периоди кога земјата има зголемена потреба од воен кадар.

















