Во Англија, во округот Хемпшир, училишен автобус полн со ученици слета од патот и заврши во река, при што тројца се сериозно повредени, а 14 други имаат полесни повреди. Несреќата се случила во четврток околу 10 часот наутро, кога автобусот „Блустар“ превезувал ученици од колеџот „Бартон Певерил“.
На местото на инцидентот веднаш реагирале службите за итна помош – испратени биле два хеликоптери, пет амбулантни возила и специјализирани тимови. Сите 19 патници, вклучително и возачот, биле евакуирани од автобусот. Тројца се пренесени во болница со сериозни повреди, а останатите се згрижени на лице место.
Колеџот отворил кризен центар за родители и побарал тие да се обратат таму наместо да одат на местото на несреќата. Полицијата соопшти дека патот ќе остане затворен најмалку 12 часа поради истрага и отстранување на автобусот. Причините за несреќата се сè уште под истрага.