Четири водечки европски сили и членки на НАТО – Велика Британија, Франција, Германија и Италија – издадоа заедничко драматично соопштение во кое предупредуваат дека Русија би можела да изврши целосна анексија на Јужна Осетија, одвоениот грузиски регион. Исто така, се наведува и дека секоја потенцијална анексија ќе наиде на „соодветен одговор“ од Западот.
Годишнина од војната која ја промени мапата
Заедничкото предупредување е објавено повод годишнината од руско-грузиската војна од 2008 година. Западните сили уште еднаш ја потврдија својата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во нејзините меѓународно признати граници.
Во соопштението соостро се осудува понатамошниот престој на руските воени сили во Абхазија и Јужна Осетија, што претставува директно кршење на меѓународното право. Како што наведуваат западните сојузници, продолжувањето на милитаризацијата на овие окупирани територии не ја загрозува само безбедноста на самата Грузија, туку претставува и сериозен ризик за стабилноста на целиот регион и Европа.
Кои се конкретните потези на Москва на терен?
Западните разузнавачки служби и дипломати се загрижени поради серијата настани кои укажуваат на тоа дека Кремљ спроведува план за формално припојување. Во мај годинава, Москва со сепаратистичките власти во Цхинвали потпиша „Договор за продлабочување на сојузништвото и соработката“, што Министерството за надворешни работи на Грузија веднаш го означи како најагресивен чекор кон нелегална анексија.
Сепак, клучниот маневар се одигра набрзо потоа. Досегашниот лидер на Јужна Осетија, Алан Гаглоев, изненадувачки поднесе оставка од својата функција и премина директно во администрацијата на Владимир Путин во Москва. Според извештаите на светските медиуми, неговата нова улога во Кремљ е токму спроведувањето на споменатиот договор кој овој регион конечно би го приближил до „посакуваниот влез во составот на Руската Федерација“.
Поставување руски кадри на клучни функции
Покрај заминувањето на Гаглоев во Москва, четирите сили на НАТО истакнуваат уште еден исклучително опасен тренд – масовно поставување државјани на Русија и луѓе исклучително блиски до Кремљ на најважните раководни функции во Јужна Осетија.
Ваквата кадровска прекомпозиција и постепеното преземање на контролните лостови на власта во целост подсетуваат на сценаријата кои претходно беа видени на други подрачја под контрола на Москва, со што се создава правен и политички терен за официјално припојување кон Руската Федерација.
Јужна Осетија прогласи независност од Грузија уште во почетокот на деведесеттите години, но дури по судирот во 2008 година Москва официјално ја призна нејзината самостојност и таму стационираше свои трупи. Остатокот од светот и понатаму ја смета Јужна Осетија и Абхазија за неотуѓив дел од територијата на Грузија.
Западните сили порачуваат дека нема мирно да набљудуваат каков било обид за прекројување на границите во Кавкаскиот регион и нагласуваат дека ќе продолжат со внимателно следење на секоја следна одлука на Кремљ.








