Малта ја воведе една од најнеобичните програми за намалување на сообраќајот: граѓаните кои се откажат од својата возачка дозвола на пет години ќе добијат вкупно 25.000 евра.
Програмата, претставена од министерот за транспорт Крис Бонет, има за цел да ги поттикне жителите повеќе да користат јавен превоз и да ја намалат гужвата на улиците на островот. Сумата се исплаќа во петгодишен период – по 5.000 евра годишно – но со одредени строги услови:
- Да имаат живеено во Малта најмалку седум години
- Да поседуваат возачка дозвола од категорија Б најмалку 12 месеци
- Програмата ги исклучува суспендираните дозволи, дозволите издадени надвор од ЕУ и оние кои возат поради работа
Мерката важи само за сопственици на патнички автомобили и ги исклучува мотоциклите, комбињата и други возила. За време на петгодишниот период, учесниците не смеат да возат ни во Малта, ни во странство – а прекршувањето носи казна од 5.000 евра и обврска да се врати дел од субвенцијата.
По пет години, тие ќе мора повторно да аплицираат за дозвола и да завршат курс за возење од најмалку 15 часа.
И покрај строгите правила, интересот е голем: од почетокот на годината, повеќе од 100 млади веќе ја предале својата дозвола за да се вклучат во програмата. Апликациите остануваат отворени до 30 јуни.
Оваа мерка покажува како една земја се обидува радикално да го промени однесувањето на своите граѓани и да го намали сообраќајниот хаос.


















