Рускиот претседател Владимир Путин денеска води интензивни преговори со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, кои траат веќе три часа и засега нема најава за завршување. На состанокот присуствуваат и Јуриј Ушаков и Кирил Дмитријев од руската страна, како и Џаред Кушнер од американската делегација.
Овој состанок е дел од интензивната дипломатска активност во последните две недели. Според изворите на Аксиос, Виткоф и Кушнер утре ќе го информираат украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорите што се одржуваат во Москва.
Американскиот план за примирје, кој првично содржеше 28 точки, сега е фокусиран на утврдување де факто граница како дел од можен мировен договор. Путин изјави дека предложениот план може да послужи како основа за разговори, но Русија не отстапува од клучните барања, вклучувајќи ја контролата врз целиот Донбас. САД наводно ја повикале Украина на територијален отстапок, што претставува тежок политички потег за Киев.
Зеленски од Даблин порача дека најтешки делови од планот се територијата, користењето на замрзнати руски средства и безбедносните гаранции. Тој смета дека постои „најголема шанса досега“ за ставање крај на војната и потврди дека со САД е усогласен нов мировен договор со 20 точки.
Украина е подготвена за нова средба со Виткоф и Кушнер по нивниот состанок во Москва, со опција таа да се одржи во Брисел, каде утре заседава НАТО. Американскиот државен секретар Марко Рубио нема да присуствува на состанокот.

















