Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен за мировни преговори било каде во светот, но со јасна исклучок – не и со Русија и Белорусија. Според него, Украина нема намера да се повлече ниту чекор назад и нема да се откаже од ниту еден дел од својата територија, јавуваат Ројтерс и АФП.
Во своето обраќање, Зеленски нагласи дека на Украина ѝ е потребна континуирана финансиска поддршка од Европа, за да може да ја продолжи борбата против руските сили во следните две до три години. Тој потсети дека планот на Европската Унија за користење на замрзнатите руски средства за украинска помош бил блокиран поради противењето на Белгија, што, според него, може сериозно да ја отежне ситуацијата на фронтот.
„Им порачав на сите европски лидери дека немаме намера да војуваме со децении, но очекуваме од вас да покажете дека можете стабилно да нè поддржувате финансиски барем неколку години,“ изјави Зеленски, пренесува британскиот „Телеграф“.
Во продолжение на изјавата, украинскиот претседател го повика американскиот претседател Доналд Трамп да изврши поголем дипломатски притисок врз кинескиот лидер Си Џинпинг, со цел да ја намали поддршката на Кина за Русија. „Мислам дека тоа би можело да биде еден од најсилните потези на Трамп, особено ако по воведувањето на новите санкции, Кина се согласи да го намали увозот од Русија,“ рече Зеленски.
Но, не сите европски лидери се согласуваат со ваквиот пристап. Еден од нив, унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави во Ватикан дека санкциите на Трамп кон руските нафтени компании се погрешни, бидејќи, според него, тие може да доведат до раст на цените на енергенсите во Европа. „Ова не е решение, туку ризик за сите европски економии,“ нагласи Орбан, кој повторно се најде во изолација со својот став.
Од друга страна, финскиот министер за одбрана Анти Хакканен го поздрави потегот на Вашингтон, нарекувајќи ги новите санкции „јасен сигнал за решителноста на САД“ во справувањето со, како што рече, „тригодишната војна на Владимир Путин“.
Зеленски останува непоколеблив дека Украина ќе продолжи да се бори додека не се обезбеди праведен и траен мир, но под услов тој да не се диктира од Москва или нејзините сојузници.
Не дознавај последен – читај ПРВ.мк















