Екстремниот топлотен бран што ја зафати Франција веќе остава сериозни последици. Според податоците на Националната агенција за јавно здравје, од 24 јуни досега се регистрирани околу 1.000 смртни случаи повеќе од вообичаеното за овој период.
Надлежните предупредуваат дека станува збор за привремени податоци и дека конечниот број најверојатно ќе биде уште поголем по обработката на сите извештаи.
Според анализите, најпогодени се лицата постари од 65 години, кои се најранливи на екстремно високите температури. Дополнително загрижува и фактот што бројот на лица кои починале во домашни услови е зголемен за околу 40 проценти во споредба со вообичаените статистики.
Француските здравствени власти апелираат граѓаните да избегнуваат подолго изложување на сонце, редовно да внесуваат течности и да обрнат посебно внимание на постарите и хронично болните лица, бидејќи топлотниот бран сè уште не е завршен.
Институциите продолжуваат внимателно да ја следат состојбата, а јавноста се повикува строго да ги почитува препораките за заштита од високите температури.









