ПРВ.мк
Свет

Светот повторно на раб на голема криза? Стигна закана што ги вознемири светските пазари

Светот повторно на раб на голема криза? Стигна закана што ги вознемири светските пазари

Тензиите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави повторно драматично ескалираа, откако Техеран предупреди дека целосно ќе го блокира Ормускиот Теснец доколку Вашингтон изврши нови воени напади.

Заканата доаѓа по ноќната ескалација, во која американските сили нападнале повеќе од 80 цели во Иран, додека Техеран возвратил со напади врз воени капацитети поврзани со САД во Кувајт и Бахреин.

Иранската државна телевизија „Press TV“, повикувајќи се на безбедносен извор, објави дека земјата е подготвена да ја брани контролата врз Ормускиот Теснец – еден од најважните светски поморски премини, преку кој се транспортира голем дел од глобалната нафта и природен гас.

Во пораката се наведува дека Иран нема да прави разлика меѓу американските сили и нивните регионални сојузници.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи на самитот на НАТО во Анкара, порача дека примирјето со Иран, според него, е завршено.

„Не сакам повеќе да имам работа со нив. Ако биде потребно, вечерва повторно ќе ги удриме – уште посилно“, изјави Трамп, додавајќи дека американските преговарачи сепак можат да ги продолжат разговорите доколку сметаат дека има простор за тоа.

Тој најави и можност за повторно воведување на поморска блокада кон иранските пристаништа, откако САД веќе ги вратија санкциите за извозот на иранска нафта.

Според Трамп, последната ескалација била поттикната од неодамнешните ирански напади врз три комерцијални бродови во Ормускиот Теснец.