Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за американско преземање на Гренланд, изјавувајќи дека САД ќе постапат „на полесен или на потежок начин“, без оглед на ставот на Данска.
„Ќе преземеме нешто во врска со Гренланд, им се допаѓало тоа ним или не, затоа што ако ние не го направиме тоа, Русија или Кина ќе го преземат Гренланд, а ние не сакаме Русија или Кина да ни бидат соседи“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека би претпочитал решавање преку договор: „Би сакал ова да го решиме со договор, знаете, на полесен начин. Но ако тоа не го сториме на полесен начин, ќе го направиме на потежок начин.“
И покрај предупредувањата од данската премиерка Мете Фредериксен, дека американски напад врз Гренланд би значел крај на НАТО, Трамп инсистира дека ја поддржува Алијансата и тврди дека без неговата политика НАТО не би опстојал.
Идејата за преземање на Гренланд датира уште од 2019 година, кога Трамп првпат јавно ја спомена за време на својот прв претседателски мандат, но наиде на жестоко противење од данските и гренландските лидери.
Во меѓувреме, жителите на Гренланд повеќепати ја изразија својата одбивност кон приклучување кон САД – според анкета од 2025 година, 85% од населението се против оваа идеја. Истражувањата покажуваат дека само 7% од Американците поддржуваат можно американско воено дејствување на територијата.
Трамп ја актуелизираше темата повторно по американскиот напад врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, што се смета за дел од сè поофанзивната надворешна политика на Белата куќа.
















