Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи итна седница во среда за израелскиот напад врз лидерите на палестинското движење Хамас во Катар. Заседанието е свикано по барање на Алжир и повеќе други земји-членки, соопштуваат дипломатски извори.
Хамас соопшти дека во воздушниот напад во Доха во вторник загинале шест лица, меѓу кои и синот на Калил ал-Хаја – највлијателната фигура на организацијата во странство, како и неговиот началник на кабинетот.
Катар веднаш реагираше, осудувајќи го бомбардирањето како „флагрантно кршење на меѓународното право“ и „сериозна закана за безбедноста на државата и нејзините граѓани“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот е директен одговор на смртоносниот атентат изведен од Хамас во Ерусалим во понеделник, кога двајца напаѓачи убија шест лица, како и на последователниот напад врз израелски војници во Газа.
Дополнителна тежина на кризата и даде изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој ја осуди одлуката на Израел, нагласувајќи дека Катар е „суверена држава и блиск сојузник на САД“, која вложува огромни напори за посредување во војната во Газа. „Едностраното бомбардирање не придонесува за целите на Израел или Америка“, порача Трамп, но сепак додаде дека елиминацијата на Хамас е „достојна цел“.
По нападот, Трамп остварил телефонски разговори со премиерот Нетанјаху и со катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, при што категорично изјавил: „Нешто вакво никогаш повеќе нема да се повтори на нивна почва.“
Нападот предизвика жестоки реакции на меѓународната сцена. Осуда стигна од повеќе муслимански земји, но и од лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Туркије, Шпанија и Словенија, како и од претставници на Европската Унија и Обединетите нации.
И додека преговорите за прекин на огнот во Газа веќе со месеци се во застој, овој напад го усложнува дипломатскиот процес и отвора прашања за стабилноста на Блискиот Исток и улогата на Катар како посредник во конфликтот.