Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) предупредија за епидемија на салмонела поврзана со ароматизирани инстант тестенини, која досега е регистрирана во повеќе европски земји.
Според објавените информации, потврдени се 106 случаи на инфекција, при што најголем дел од заразените се деца и млади лица. Од нив, најмалку 49 пациенти биле хоспитализирани.
Првите случаи биле пријавени во ноември минатата година, а истрагата покажала дека најверојатен извор на инфекцијата се ароматизирани инстант тестенини од иста марка.
Иако здравствените власти не го откриваат името на дистрибутерот, наведуваат дека случаите се поврзани со производител од Украина и со сојот Salmonella Stanley.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата и ги повикуваат потрошувачите да бидат внимателни додека трае утврдувањето на сите околности поврзани со епидемијата.







