Вистинска драма се одвивала денеска на аеродромот во германскиот град Нирнберг, каде што воздушниот сообраќај бил привремено прекинат поради сомневање за вонредна ситуација со патнички авион.
Во акцијата биле вклучени и борбени авиони „Еурофајтер“, кои го придружувале патничкиот авион на компанијата „Корендон ерлајнс“, што пристигнувал од грчкиот остров Крф.
Авионот со ознака на летот XR456 безбедно слетал на аеродромот во Нирнберг во 12:16 часот.
Поради безбедносната интервенција, неколку други авиони биле пренасочени кон аеродромите во Франкфурт, Меминген, Штутгарт и Минхен.
Според германските медиуми, во операцијата учествувале и специјални полициски единици.
По извршените проверки, полицијата на Средна Франконија соопштила дека не е утврдена никаква опасност.
Сепак, ова не бил единствениот инцидент што го нарушил работењето на аеродромот.
Во текот на претходната ноќ, тројца пилоти независно пријавиле дека забележале непознат летечки објект, за кој постои сомневање дека бил дрон.
Пријавите биле доставени во периодот меѓу 2 и 4 часот наутро.
Полицијата започнала потрага по сомнителниот објект, а во акцијата бил вклучен и полициски хеликоптер.
И покрај преземените мерки, објектот не бил пронајден и засега не е потврдено дали навистина станувало збор за дрон.
Германските власти нагласуваат дека во моментов нема докази дека ноќните пријави за непознатиот објект се поврзани со подоцнежната интервенција околу патничкиот авион.
Причината за првичната безбедносна тревога сè уште не е детално разјаснета, но надлежните потврдуваат дека патничкиот авион слетал безбедно и дека не била утврдена закана.









