Во Општина Кавадарци започна реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект. Во селото Марена стартуваа градежните активности за изградба на нов мост преку реката Луда Мара, кој ќе овозможи подобра сообраќајна поврзаност и поголема безбедност за жителите.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека со уривањето на постојниот мост официјално започнува изградбата на новиот, кој ќе биде изведен според современите потреби за безбедно одвивање на сообраќајот.
За реализација на проектот се обезбедени 12 милиони денари финансиска поддршка од Министерството за транспорт.
Новиот мост ќе располага со две коловозни ленти и тротоари од двете страни, а неговата вкупна ширина ќе изнесува 8,5 метри. Со ваквото решение се предвидуваат подобри услови за движење и на возилата и на пешаците.

Изградбата на мостот претставува значајно инфраструктурно подобрување за жителите на Марена, со кое се очекува да се зголеми безбедноста и да се олесни секојдневното движење.
Со овој проект, Општина Кавадарци продолжува со вложувањата во локалната инфраструктура, со акцент на подобрување на сообраќајните услови и квалитетот на живот на граѓаните.










