Министерот за здравство Сашо Клековски го посети Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград, каде што оствари средба со директорката проф. д-р Јелена Друловиќ.
Во фокусот на разговорите била можноста соработката меѓу УКЦ Србија и македонските универзитетски клиники да стане поконкретна и континуирана.
Меѓу темите биле упатувањето пациенти со сложени здравствени состојби, заедничките стручни консултации, како и организирањето стручни престои за клиничките тимови од Македонија.

Клековски и Друловиќ разговарале и за организацијата и функционирањето на големите клинички центри, со цел размена на искуства што можат да придонесат за подобрување на здравствените услуги.
Во рамки на посетата, Клековски ја посетил и Клиниката за неврологија, каде што посебен фокус бил ставен на грижата за пациентите со мозочен удар, како и Центарот за мултипла склероза.
Министерот нагласи дека кај мозочниот удар времето и организацијата на здравствениот систем имаат клучно значење за исходот на пациентот.
„Кај мозочниот удар секоја минута е важна, а организацијата на грижата прави разлика меѓу закрепнување и трајна попреченост“, порача Клековски.

Тој се заблагодари на проф. Друловиќ и на тимот на УКЦ Србија за гостопримството и подготвеноста за продлабочување на соработката.









