Единаесетмесечното куче Теди, чие наводно малтретирање на балкон во загрепската населба Средњаци предизвика бурни реакции во јавноста, конечно е спасено и се наоѓа на безбедно.
Случајот добил големо внимание откако на социјалните мрежи се прошириле вознемирувачки снимки на кои, според објавените информации, се гледа како маж физички го малтретира животното.
Здружението за заштита на животни „Анималекс“ соопшти дека спасувањето било овозможено благодарение на брзата реакција на граѓаните и работодавачот на мажот поврзан со случајот.
Според објавените информации, кучето било извлечено од балконот со искачување по зградата.
Од здружението наведуваат дека за случајот биле известени полицијата, комуналните служби, Државниот инспекторат и загрепското прифатилиште за животни.
Мажот осомничен за малтретирањето бил повикан на информативен разговор во полициската станица Трешњевка.
Неговиот работодавач јавно го осудил однесувањето и соопштил дека на работникот веднаш му бил врачен отказ.
Според „Анималекс“, Теди првично бил вдомен кај жена која подоцна го предала на друго лице, спротивно на договорот за вдомување.
Иако кучето сега има привремено сместување, неговата иднина сè уште не е трајно решена.
Здружението апелира до граѓаните кои можат да му обезбедат безбеден и постојан дом да се пријават за вдомување.
Надлежните институции треба да ги утврдат сите околности на случајот и евентуалната одговорност за малтретирањето на животното.








