Министерот за здравство Сашо Клековски го отвори целосно реконструираниот оддел „Машки 2“ во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци, во рамки на активностите по повод Светскиот ден на менталното здравје.
Станува збор за околу 600 квадратни метри целосно обновен простор, за чија реконструкција се издвоени 300.000 евра.
Клековски нагласи дека подобрувањето на условите во психијатриските установи е прашање на достоинство за пациентите, но и за здравствените работници кои секојдневно се грижат за нив.

Министерот потсети дека уште од студентските денови лично бил погоден од условите во психијатриските установи, посочувајќи дека денес се работи тие состојби системски да се менуваат.
Како важен чекор, договорено е Психијатриската болница да добива континуирани средства за реконструкција преку зголемен основен буџет, наместо подобрувањата да зависат само од поединечни интервенции.
Паралелно продолжуваат инвестициите и во другите установи. Во Негорци се реконструирани сите оддели, на Клиниката за психијатрија во Скопје е завршена реконструкција на дел од просторот, додека во Бардовци следен е таканаречениот „судски оддел“. Во план е и реконструкција во болницата во Демир Хисар.

Клековски истакна дека реформата во менталното здравје не треба да се сведува само на подобри болнички услови, туку и на навремено препознавање и превенција.
Од минатата година матичните лекари имаат превентивна цел за рано откривање депресија кај младите, а за следната година е најавен и проект за центри за ментално здравје на младите.
„Колку порано се препознае проблемот, толку помалку луѓе ќе стигнат до болнички кревет“, порача Клековски.

Министерот им се заблагодари на раководството и на вработените во Психијатриската болница за нивната долгогодишна посветеност кон пациентите.







