Во италијанскиот град Пескара, средното училиште „Маркони“ беше евакуирано поради силен и непознат мирис што се прошири во просториите и предизвика паника меѓу учениците и персоналот. Голем број лица се пожалиле дека не се чувствуваат добро, по што веднаш биле повикани итните служби.
На лице место пристигнал тим од тројца лекари и три медицински сестри од локалната здравствена служба ASL, како и пет амбулантни возила со вкупно 20 лица медицински персонал, јави италијанската телевизија РАИ.
Неколкумина биле хоспитализирани поради симптоми на труење, додека други добиле медицинска помош на самото место. Меѓу повредените имало и пожарникари кои пристигнале за интервенција.
Според првичните информации, можно е дека амонијак истекол од училишната лабораторија, а како друга можна причина се споменува истекување на гас од клима-уред.
Откако се огласил алармот, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а многумина од нив изјавиле дека биле преплашени и почувствувале мачнина.
Заменик-градоначалничката на Пескара, Марија Рита Карота, донела одлука училиштето да биде затворено до понатамошно известување, додека трае истрагата за причината на загадувањето.