ПРВ.мк
Свет

Грција воведува „најдолг работен ден во светот“ – граѓаните во шок!

Грција воведува „најдолг работен ден во светот“ – граѓаните во шок!

Грчкиот парламент усвои контроверзен закон со кој работодавците во приватниот сектор добиваат право да го продолжат работниот ден до 13 часа, што претставува значително зголемување во однос на досегашната осумчасовна норма. Владата го оправдува потегот со цел да создаде „пофлексибилен и поефикасен пазар на труд“, но јавноста реагира бурно.

Новото законско решение беше донесено и покрај масовните протести и два општи штрајка што го потресоа земјата овој месец. Работниците предупредуваат дека оваа мерка ќе доведе до зголемување на експлоатацијата и ќе ги поткопа нивните основни права, особено во услови кога платите стагнираат, а цените на храната и кириите енормно растат.

„Додека остатокот од Европа дискутира за пократка работна недела, ние во Грција ја продолжуваме,“ изјави Темис Литрас, 41-годишен шанкер од Атина, додавајќи дека неговата кирија се дуплирала во последните две години.

Грција веќе е меѓу државите со најдолга работна недела во Европската Унија – околу 40 часа, во споредба со просекот од 34 часа во Германија и 32 во Холандија. Истовремено, куповната моќ на Грците останува една од најслабите во ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.

Според новиот закон, 13-часовен работен ден може да се воведе само три дена месечно и најмногу 37 дена во годината. Законот, исто така, предвидува заштита од отпуштање за оние кои одбиваат прекувремена работа, но синдикатите предупредуваат дека во пракса работниците ќе останат без вистинска преговарачка моќ, особено во земја каде што сивата економија и непријавената работа се широко распространети.

Дополнително, законот им овозможува на работодавачите поголема флексибилност при краткорочни вработувања и дозволува можност за четиридневна работна недела, доколку работникот и работодавачот постигнат заемна согласност.

Escape