Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека е постигнат договор со САД за нов мировен план од 20 точки, кој има за цел да стави крај на војната со Русија. Најтешките прашања остануваат територијалните спорови и замрзнатите руски средства во Европа, како и обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина, пренесува BBC.
На прес-конференција во Даблин, заедно со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Зеленски рече дека вчера имал разговор со американскиот претставник Стив Виткоф, кој денес ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Украина сега ја чекаат резултатите од таа средба, по што ќе се определат следните чекори.
„Ќе реагираме според тие резултати. Ако почувствувам дека постои можност за вистински и конкретен дијалог, ќе се сретнеме“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека разговарал со Мартин за користењето на замрзнатите руски средства, потенцирајќи дека е крајно време тие да се префрлат на Украина за поддршка на одбраната и реконструкцијата. „Ова ќе ни помогне не само на нас, туку и на нашите партнери“, додаде тој.
Зеленски потенцираше дека Украина очекува силни безбедносни гаранции од САД и Европа. Новиот мировен договор од 20 точки е преработка на претходниот американски план од 28 точки, по разговорите меѓу функционерите. „Сега повеќе од кога било постои шанса да се заврши оваа војна“, рече Зеленски.
Според висок украински извор, украинската делегација може да се сретне со американскиот амбасадор Виткоф и со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, веднаш по нивните разговори во Москва. Исто така, се разгледува можноста за средба во Брисел, каде што во среда ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, нема да учествува на состанокот.

















