Најмалку три лица загинаа, а седуммина се повредени во руско бомбардирање на украинскиот град Краматорск, соопшти началникот на воената администрација на Доњецката област, Вадим Филашкин.
Меѓу загинатите има и 13-годишно момче, додека повредените се на возраст од 20 до 85 години. Според локалните власти, руските сили употребиле тешка авиобомба, која предизвикала сериозни оштетувања на повеќекатни станбени објекти.
„Ова е уште еден суров напад врз цивилното население. Спасувачките екипи се на терен и работат на расчистување на урнатините“, напиша Филашкин на социјалните мрежи.
Екипите за итна помош и спасување продолжуваат со интервенции на терен, додека се утврдуваат точните размери на штетата и последиците од нападот.



















