Македонската заедница во Австралија и оваа година ќе го одбележи големиот христијански празник Водици, почитувајќи ја вековната православна традиција, но во поинаков амбиент – далеку од татковината, покрај морските води.
Церемонијата ќе биде организирана од Македонската православна црква „Света Петка“ од Рокдејл, која најави дека светиот крст ќе биде положен во морето, на познатата локација Kyeemagh Baths. Верниците ќе имаат можност да присуствуваат на чинот на осветување на водите, по што најхрабрите ќе се обидат да го фатат крстот, како симбол на верата, здравјето и благословот.
Настанот секоја година привлекува голем број Македонци од различни делови на Австралија, кои токму преку ваквите собири ја одржуваат врската со своите корени, верата и националниот идентитет. Иако илјадници километри далеку од Македонија, празникот се слави со истата посветеност и духовна емоција.
Претходно, храмот „Света Петка“ свечено ја одбележа и Василица, при што беше отслужена света литургија во присуство на голем број верници. Свештенството упати пораки за заедништво, духовен мир и зачувување на традицијата меѓу помладите генерации.
Со ваквите настани, Македонците во Австралија уште еднаш покажуваат дека празниците и обичаите немаат граници и дека верата се носи во срцето – без разлика каде се наоѓаш.

















