Еден навидум безначаен пронајдок го промени животот на Чарли Роули засекогаш. Осум години по трагедијата, тој во документарец на CNN открива како на својата девојка Дон Стерџис ѝ подарил шишенце за кое верувал дека содржи скап француски парфем, без да знае дека во него се наоѓа смртоносниот нервен агенс „Новичок“, оставен од руски агенти.
„И денес ми е тешко да живеам со тоа“, вели Роули, чија исповед е дел од документарниот филм „Poisoned in Salisbury: The Spy Next Door“.
Пронашол „богатство“ во кутија за донации
Во јуни 2018 година, додека пребарувал контејнер за донации во англискиот град Ејмсбери, Роули забележал картонска кутија. Внатре имало шишенце во амбалажа со логото на познатиот бренд „Нина Ричи“.
Убеден дека пронашол вреден парфем, решил да го зачува како подарок за својата девојка Дон Стерџис. Тој често пронаоѓал корисни предмети оставени покрај контејнери, а тој ден се надевал дека ќе најде дури и веренички прстен.
„Таа често ми велеше дека треба да ѝ купам прстен со сафир. Секогаш копав до дното на контејнерите надевајќи се дека ќе најдам нешто посебно“, раскажува Роули.
Парфем без мирис што донесе трагедија
Неколку дена подоцна ѝ го подарил шишенцето. Дон се израдувала кога го видела познатиот бренд, но забележале нешто необично – распрскувачот бил одвоен од шишето и требало дополнително да се монтира.
Откако го испрскала парфемот, забележале дека течноста е маслеста и целосно без мирис.
„Помислив дека е многу чудно – парфем кој воопшто нема мирис“, се присетува тој.
Само неколку минути подоцна Дон се пожалила на силна главоболка и дека не се чувствува добро. Кратко потоа се онесвестила во бањата.
„Во еден момент разговаравме, а веќе во следниот таа не реагираше. Панично се обидував да ѝ помогнам“, раскажува Роули.
И двајцата биле отруени
Брзата помош ја пренела Дон во болница, а неколку часа подоцна и самиот Роули колабирал. Тој бил примен во болница во критична состојба, паднал во кома и со недели се борел за живот.
Кога се разбудил, лекарите му ја соопштиле најтешката вест – неговата девојка починала.
„Кога ми кажаа дека токму шишето што јас ѝ го дадов било причината за нејзината смрт, чувствував огромна вина. Тоа чувство никогаш не ме напушти“, признава тој.
По закрепнувањето доживеал и мозочен удар, а и денес има последици – проблеми со рамнотежата, видот, движењето на левата рака и нарушена меморија.
Шишето било поврзано со нападот врз Сергеј Скрипал
Подоцнежната истрага утврдила дека шишенцето содржело нервен агенс „Новичок“, истиот отров што, според британските власти, бил употребен во март 2018 година при обидот за ликвидација на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери.
Истражителите сметаат дека двајца руски оперативци го оставиле шишенцето по нападот, а три месеци подоцна случајно го пронашол Роули.
Според поранешниот шеф на британската антитерористичка полиција Нил Басу, количината на „Новичок“ во шишето била доволна да убие околу 10.000 луѓе.
Русија ги отфрла обвинувањата
Британските власти идентификуваа двајца припадници на руската воена разузнавачка служба како осомничени за нападот врз Скрипал, но тие никогаш не беа приведени.
Русија постојано ги негира обвинувањата, а претседателот Владимир Путин случајот го нарече „апсурден“. Осомничените тврдеа дека во Солсбери престојувале како туристи.
Роули подоцна се сретнал и со рускиот амбасадор во Лондон, надевајќи се дека ќе добие одговори.
„Не добив ништо конкретно. Само изговори и префрлање на вината“, вели тој.
Осум години подоцна болката останува
И денес Роули живее во близина на Солсбери, носејќи ги последиците од трагедијата што му го променила животот.
„Се помирив дека можеби никогаш нема да има вистинска правда за Дон. Тоа веќе не е во мои раце“, заклучува тој.










