ПРВ.мк
Свет

„Поплавен бран како течен бетон“: Еве зошто катастрофата во Непал беше толку разорна

„Поплавен бран како течен бетон“: Еве зошто катастрофата во Непал беше толку разорна

Катастрофалните поплави во Непал не биле предизвикани од обичен воден бран. Новите сателитски анализи покажуваат дека огромен дел од глечерот на планината Лангтанг Лирунг се отцепил во средата, предизвикувајќи и масивно лизгање на земјиштето, пишува CNN.

Станува збор за дел од глечер широк околу 600 метри. Огромната маса потоа се спуштила низ стрмните планински долини во пограничното подрачје меѓу Непал и Кина.

Силата на настанот била толку голема што првично била регистрирана како земјотрес.

Но, она што се движело низ долините не било само вода. Поројот содржел огромни количества кал, песок, чакал и карпи, кои се движеле заедно како една густа и исклучително разорна маса.

Професорот по инженерство Хатим Шариф од Универзитетот во Тексас во Сан Антонио за CNN ја споредил со „течен бетон“.

Според неговото објаснување, ваквиот порој при иста брзина може да удри во објект со приближно двојно поголема сила отколку обична вода.

Спасувачите се соочуваат со огромен проблем

Истата мешавина што ја зголемила разорната моќ на поплавата сега значително ја отежнува потрагата по исчезнатите.

На одредени места останале слоеви од седимент дебели неколку метри. Тие можат долго да задржуваат вода, поради што теренот останува нестабилен и непредвидлив. Потрагата мора да се врши внимателно, со сондирање и рачно пребарување.

Дополнителен ризик претставуваат новите врнежи. Експертите стравуваат дека дождот би можел повторно да придвижи дел од наталожената маса и да предизвика нови порои и свлечишта.

Цели области останале отсечени

Еден од најтешко погодените делови е округот Расува, северно од Катманду.

Непалскиот министер за информации Бикрам Тимилсина изјавил дека подрачјето е практично целосно отсечено и дека надлежните сè уште не можат целосно да го проценат обемот на штетата.

Поради уништените патишта и мостови, до дел од населението спасувачите успеале да стигнат единствено со хеликоптери. Истите оштетувања го забавуваат и доставувањето храна, вода и друга неопходна помош.

Според последните податоци наведени во извештаите, најмалку 489 лица загинале во Непал, додека околу 1.300 сè уште се водат како исчезнати. Кинеските власти соопштиле и за пет загинати лица во Тибет.

Поради нестабилниот терен и можноста за нови врнежи, опасноста во погодените подрачја сè уште не е завршена.