ПРВ.мк
Свет

Необичен инцидент погоди шест европски земји, експерт предупредува: „Ако не го направите тоа, самите си создавате проблеми“

Необичен инцидент погоди шест европски земји, експерт предупредува: „Ако не го направите тоа, самите си создавате проблеми“

Необичен инцидент предизвика проблеми во супермаркетите во шест европски земји, откако системите за ладење почнале да работат спротивно од предвиденото. Наместо да ја одржуваат храната замрзната, уредите започнале да се загреваат, а постои сомневање дека станува збор за координиран кибернетички напад.

Според хрватскиот портал „Дневник.хр“, погодени се продавници во Шведска, Белгија, Луксембург, Ирска, Холандија и Естонија.

Температурата достигнала дури 50 степени

Во еден супермаркет во Стокхолм температурата на уредот достигнала дури 50 Целзиусови степени.

Само во Белгија и Луксембург биле погодени околу 40 супермаркети.

Според компанијата задолжена за одржување на дел од системите, уредите биле далечински префрлени во режим на одмрзнување. Техничарите морале да ги исклучуваат од мрежата за да го спречат понатамошното нарушување на нивната работа.

Засега не е познато кој стои зад можниот напад.

Сличен случај имало и во Франција

Минатиот месец стотици француски супермаркети биле погодени од сличен инцидент, поради кој дел од храната морала да биде фрлена.

Сепак, надлежните засега не потврдиле дали двата инцидента се поврзани.

Експертот за кибернетичка безбедност Пауло Кардозо до Амарал предупредува дека ваквите случаи покажуваат колку можат да бидат ранливи секторите со послаба дигитална заштита.

Може ли хакер да пристапи и до домашниот фрижидер?

Експертите објаснуваат дека секој уред поврзан на интернет потенцијално може да биде цел на напад, но нагласуваат дека домашните паметни уреди функционираат поинаку од индустриските системи во супермаркетите.

Поранешниот директор на британскиот Национален центар за кибернетичка безбедност, Киран Мартин, посочува дека најголем ризик претставуваат уредите со застарен софтвер и познати безбедносни пропусти.

Тој препорачува редовно инсталирање безбедносни надградби, промена на фабричките лозинки и активирање дополнителна потврда при најавување, каде што е достапна.

Според експертите, со зголемувањето на бројот на уреди поврзани на интернет се зголемува и бројот на потенцијални точки преку кои напаѓачите можат да пристапат до дигиталните системи.