Кинеските власти ги зголемија мерките за подготвеност во провинциите Џеџијанг и Фуџијен поради приближувањето на тајфунот Бави, деветтиот регистриран тајфун во земјата од почетокот на годината.
Според информациите од локалните метеоролошки служби, системот се движи кон југоисточниот брег на Кина, а во текот на денот се наоѓал на повеќе од 1.000 километри југоисточно од градот Венџоу. Во неговото јадро се регистрирани ветрови со сила на тајфун.
Поради очекуваното влошување на временските услови, надлежните институции го подигнаа нивото на готовност на втор степен и започнаа со спроведување превентивни активности.
Властите во Џеџијанг соопштија дека се преземаат мерки за намалување на можните последици од невремето, со цел да се заштитат граѓаните и да се спречат поголеми материјални штети доколку тајфунот го погоди крајбрежјето во наредните денови.








