ПРВ.мк
Свет

Пожар од огромни размери беснее кај Париз, евакуирани стотици жители

Пожар од огромни размери беснее кај Париз, евакуирани стотици жители

Голем шумски пожар продолжува да се шири во историската шума Фонтенбло, на околу 60 километри јужно од Париз, принудувајќи ги властите да евакуираат жители, да затворат дел од автопатот А6 и привремено да го прекинат железничкиот сообраќај.

Пожарот зафатил околу 800 хектари шумска површина, а францускиот претседател Емануел Макрон го опиша како пожар од „огромни размери“. Тој изрази поддршка за погодените граѓани и им се заблагодари на пожарникарите кои непрекинато се борат со огнената стихија.

Во акцијата се вклучени околу 400 пожарникари, два противпожарни авиони, два хеликоптери и авион за набљудување. Поради падот на ноќта, воздушните интервенции биле привремено прекинати.

Според француските власти, околу 1.000 жители биле евакуирани од селото Воду, додека противпожарните екипи се обидуваат да ги заштитат и околните населени места.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека постојат сомнежи оти пожарот можеби е намерно подметнат, бидејќи биле забележани повеќе почетни жаришта на релативно мала површина. За причините официјална потврда сè уште нема, а истрагата е во тек.

Франција моментално го преживува третиот топлотен бран ова лето, со температури што на одредени места надминуваат 40 степени Целзиусови. Високите температури, сушата и силниот ветер дополнително го отежнуваат гаснењето на пожарите.

Шумата Фонтенбло е една од најпознатите природни атракции во Франција, а во нејзина близина се наоѓа и историскиот дворец Фонтенбло, некогашна резиденција на Наполеон Бонапарта. Засега нема информации дека огнот го загрозил самиот дворец.