УЕФА го суспендираше Џанлука Престијани од Бенфика за натпреварот против Реал Мадрид поради инцидентот во првиот плејоф-дуел од Лига на шампиони со Винисиус Жуниор.
„Кралскиот клуб“ славеше со 1:0, а стрелец на победничкиот гол беше Винисиус. По погодокот следеше вербален инцидент на теренот. Од Реал тврдат дека бразилскиот фудбалер бил расистички навредуван од 20-годишниот Аргентинец.
Според изјавите на Винисиус и на неговиот соиграч Килијан Мбапе, Престијани ја покрил устата со дресот и упатил навредливи зборови кон Бразилецот.
Во својот официјален извештај, Престијани навел дека употребил хомофобична навреда, а не расистичка. УЕФА веднаш отвори дисциплинска постапка и изрече привремена суспензија од најмалку еден натпревар.
Престијани нема да може да настапува во Лигата на шампионите додека трае истрагата, а доколку се утврди дека навистина станува збор за расистичка навреда, му се заканува суспензија и до десет натпревари.

















