Претставници од Министерството за спорт денеска присуствуваа на промоцијата на проектот „Touch the Goal – Football for Every Child“, што ја организираше ОУРЦ „Иднина“ – Скопје. Проектот се реализира со поддршка на УЕФА Фондацијата за деца и е номиниран од Фудбалската федерација на Македонија.
Генералниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски, во своето обраќање истакна дека Министерството дава поддршка на ваквите иницијативи кои ја промовираат инклузијата и ја покажуваат силата на спортот да ги поврзува и да ги обединува децата и да промовира позитивни вредности за заедништво,рамноправност, солидарност и прифаќање.

-Нашата мисија како Министерство за спорт е да создадеме услови за секое дете, без исклучок, да има можност да се занимава со спорт. Во изминатиот период, преку програмите за млади и училишен спорт, направивме значајни чекори за подобрување на пристапот до спортски активности, за обезбедување поддршка на училиштата и за унапредување на спортската инфраструктура - рече Огњеновски, посочувајќи дека Министерството во изминатиот период инвестира во училишниот и младинскиот спорт, во подобрување на спортската инфраструктура и во поддршка на програми за деца со попреченост.

Тој го истакна проектот „Touch the Goal – Football for Every Child“ како пример за успешна соработка меѓу училиштата, наставниците, родителите и институциите, со заедничка цел – создавање инклузивна средина во која секое дете ќе може слободно да спортува и да се развива.
Огњеновски упати благодарност до ОУРЦ „Иднина“, училиштата и сите што се вклучени во проектот, охрабрувајќи ги да продолжат со активности што оставаат трајни позитивни вредности кај децата.

На промоцијата на проектот присуствуваа и претставници од ФФМ, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, наставници, специјални едукатори, стручни соработници и други гости.















