Младата македонска тенисерка Сара Митевска имаше одличен настап на турнирот во Нови Сад Јејсон Куп 2025 за тенисерки до 16 години (турнир со категорија 2). Митевска беше финалистка во сингл конкуренција и триумфираше во двојки заедно со Нина Тепиќ од Србија.
Во поединечна конкуренција македонската тенисерка постигна пет победи до пласманот во финалето каде беше поразена од Романката Сара Козма со 2-0 во сетови (60 64), но претходно во полуфиналето ја надигра првата носителка Никол Нунева од Бугарија со 2-0 во сетови (62 61), а со истиот резултат оствари победа и над осмата носителка Антониа Станева (Бугарија) 2-0 (62 61) во четвртфиналето. Во првото коло Митевска беше поуспешна од Романката Раиса Алексиа Мада 2-0 во сетови (60 63), а во второто коло ја победи Верица Зрниќ од Србија со 2-0 (61 75), додека во трета рунда славеше победа од 2-0 во сетови (76(2) 64) над Мина Марковиќ од Србија.
Во конкуренција на двојки со Нина Тепиќ каде беа рангирани како втори носителки во финалниот меч остварија победа на Мина Марковиќ (Србија) и Гала Тешиќ (Швајцарија) со 2-0 во сетови (75 63).
Сара Митевска е пријавена за настап на турнир и оваа недела во Панчево во рамки на Печин куп (турнир со категорија 2).