Актерката Естер Експозито и фудбалската суперѕвезда Килијан Мбапе повторно се во центарот на вниманието, откако беа забележани заедно во Мадрид, што дополнително ги засили шпекулациите за можна романтична врска.
Според фотографиите што брзо се проширија во јавноста, 26-годишната шпанска актерка и 27-годишниот француски напаѓач биле видени во автомобил во шпанската престолнина, каде во еден момент размениле и прегратка. Токму овој близок момент повторно ги отвори прашањата дали меѓу нив има нешто повеќе од обично пријателство.
Гласините за нивна поврзаност почнаа да кружат уште пред околу еден месец, кога двајцата беа видени заедно во Париз. Тогаш беа забележани како влегуваат во ист автомобил, а новата средба во Мадрид само додаде масло на огнот.
Во последниот случај, Мбапе наводно чекал во автомобилот додека Естер накратко влегла во локално кафуле. По нејзиното враќање, двајцата биле снимени во блиска и опуштена атмосфера, што веднаш предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

Естер Експозито веќе долго време важи за една од најпознатите млади актерки во Европа, додека Мбапе е едно од најголемите имиња во светскиот фудбал и една од најследените спортски личности на Инстаграм.
Иако засега нема официјална потврда од ниту една страна, нивните заеднички појавувања сè повеќе го привлекуваат вниманието на јавноста, а многумина веќе се прашуваат дали на повидок е нов славен пар.










