Новак Ѓоковиќ по поразот од Јаник Синер во полуфиналето на Вимблдон испрати искрена порака до јавноста, истакнувајќи дека не сака постојано да биде оптоваруван со прашањата за освојување на 25. Гренд слем титула.
Српскиот тенисер призна дека очекувањата од медиумите, но и од луѓе од неговото најблиско опкружување, почнале да му создаваат дополнителен притисок.
„Секако дека би сакал да ја освојам 25. титула, но тоа не е единствената цел во мојата кариера. Почнува да ми пречи кога постојано се зборува само за тоа, како сè што сум постигнал досега да не е доволно“, порача Ѓоковиќ.
Тој додаде дека е благодарен за сè што постигнал во кариерата и потсети дека можел да освои уште неколку Гренд слем титули, но и дека имало финалиња во кои успеал да победи иако бил блиску до пораз.
„Можеби 25. титула никогаш нема да дојде. Не знам уште колку ќе играм, но мојата цел е секогаш да бидам максимално подготвен за најголемите турнири“, изјави српскиот ас.
Ѓоковиќ ги замоли јавноста и медиумите да ги почитуваат неговите одлуки и да престанат со постојаните прашања за пензионирање и за следната Гренд слем титула.
И покрај елиминацијата од Вимблдон, српскиот тенисер ќе напредува на најновата АТП-листа и од понеделник ќе се најде на седмото место со 3.760 бодови.









