Раул Асенсио од Реал Мадрид под истрага: Се соочува со можност за петгодишна затворска казна
Шпанскиот фудбал и навивачите на Реал Мадрид се потресени од веста дека младиот дефанзивец Раул Асенсио (22) е под истрага поради сериозни обвиненија за дистрибуција на детска порнографија. Судските власти во Шпанија веќе покренаа кривична постапка против него и тројца поранешни соиграчи од младинскиот тим на клубот.
Според информациите, Асенсио е осомничен дека нарачал видеоснимки направени во 2023 година, на кои се гледаат неговите соиграчи Феран Руиз, Андрес Гарсија и Хуан Родригез како имаат сексуални односи со девојка (18) и малолетничка (16). Наводно, овие снимки биле споделувани преку мобилната апликација WhatsApp, што довело до сомневање за незаконска дистрибуција на материјал со малолетници.
Судскиот извештај посочува дека двете девојки покажуваат симптоми на посттрауматско стресно нарушување, а дополнителни вештачења ќе утврдат дали има основа за формално обвинение. Доколку се потврди вината, Асенсио и неговите поранешни соиграчи би можеле да се соочат со затворски казни од три и пол до пет години – како што е предвидено со член 197 од Кривичниот законик на Шпанија.
Судијата кој ја води истрагата навел дека постојат доволно докази за прекршување на правото на приватност, неовластено дистрибуирање на интимни снимки, како и за понуда и поседување детска порнографија.
Инаку, член 197 од Кривичниот законик на Шпанија наведува дека секое лице прогласено за виновно за снимање и делење експлицитно видео со малолетник ќе се соочи со затворска казна од три и пол до пет години.