ПРВ.мк
Спорт

Моќниот Арсенал му фрли „петарда“ на Лидс Ј: Домашна доминација со 5:0 (ВИДЕО)

Моќниот Арсенал му фрли „петарда“ на Лидс Ј: Домашна доминација со 5:0 (ВИДЕО)

Арсенал, еден од најголемите кандидати за титулата во Премиерлигата оваа сезона, го „разби“ Лидс Ј со убедливи 5:0 пред домашната публика, остварувајќи ја и втората победа во сезоната. Момците на Микаел Артета доминираа во сите 90 минути, ја диктираа играта, а резултатот можеше да биде и уште поубедлив со оглед на создадените шанси.

Првиот гол пристигна во 33. минута, кога Тимбер по нафрлувањето од корнер на Деклан Рајс погоди за 1:0. Во првата минута од надополнувањето на првиот дел, Букајо Сака постигна свој прв сезонски гол за 2:0, што ја зголеми доминацијата на домашните.

Третиот гол предизвика вистинска ерупција од воодушевување. Новиот голгетер на „топчиите“, Виктор Ѓокереш, со мал „слалом“ успеа да ја смести топката во противничкиот гол за 3:0. Следниот погодок, 4:0, го постигна Тимбер, кој повторно го матираше гостинскиот голман.

Во самата завршница, вториот најмлад дебитант во историјата на Премиерлигата, Макс Доуман, избори пенал за Арсенал, а Виктор Ѓокереш беше сигурен за својот втор гол вечерта, поставувајќи го конечниот резултат 5:0.

Со оваа убедлива победа, Арсенал покажа дека е сериозен кандидат за титулата и дека и оваа сезона ќе биде предводник во битката за врвот во Премиерлигата.

Escape