Фудбалската репрезентација на Македонија одигра 1-1 против Велс во второто коло од квалификациите за СП 2026, во натпревар полн со емоции, борбеност и драматична завршница.
По мирно прво полувреме, вистинската возбуда дојде во вториот дел. Дарко Чурлинов имаше одлична шанса во 65. минута, но голманот Карл Дарлоу одбрани. Велс возврати преку Бренан Џонсон, но Висар Муслиу спречи сигурен гол со блокада на самата гол-линија.
Македонија поведе во 90. минута по голема грешка на велшката одбрана, која ја искористи Бојан Миовски, стрелец што не простува такви прилики. Но, победата ни избега во последната секунда, кога Дејвид Брукс успеа да погоди за конечни 1-1.
По ова коло, Македонија и Велс имаат по четири бода, но нашата репрезентација е на првата позиција поради подобра гол-разлика. Во другата средба, Казахстан славеше против Лихтенштајн со 0-2.