„Денес го започнуваме новиот и клучен правец Охрид-Истанбул, кој ќе го поврзе Охрид со Истанбул, а преку него и со целиот свет и Европа“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, денес истакна дека со внимателно разработена стратегија се остварува значаен напредок во развојот на охридскиот аеродром. Како дел од оваа стратегија, денеска се воспоставува новата и стратешки важна авионска линија Охрид-Истанбул, која ќе ја овозможи поврзаноста на Охрид со светот преку најголемиот европски аеродром.
Промени во стратегијата за субвенции
Николоски напомена дека воведувањето на оваа нова линија е резултат на промените во моделот на субвенционирање. Субвенцијата по патник за охридскиот аеродром е зголемена од 4,5 на 12 евра, а сега се фокусира на привлекување на повеќе туристи, наместо на поддршка за заминувања.
„Веќе имаме две нови дестинации за Охрид – Истанбул и Базел, а од Скопје се воведени осум нови линии. Но, Истанбул е најважна, бидејќи отвора нови можности за развој на аеродромот и регионот“, додаде министерот.
Планови за иднина
Николоски најави дека во тек се преговори со уште една голема авиокомпанија, од која се очекува да се отворат две до три нови дестинации. Неговата цел е во наредните две години Охрид да има најмалку десет нови авиолинии, што ќе ја унапреди туристичката и бизнис-комуникацијата во регионот.
„Планираме од следната година да се зголеми бројот на чартер-летови на Флајбирд од еден на два дневно, и тие ќе слетуваат директно во Охрид наместо во Скопје“, истакна министерот.
Како дополнување на овие напори, отворањето на автопатот од Врбјани до Охрид ќе има значително позитивно влијание на развојот и функционирањето на аеродромот, заклучи Николоски.