Светското фудбалско првенство во 2030 година би можело да донесе значајна промена во начинот на кој навивачите ги следат натпреварите, откако беше објавено дека стриминг-платформата Нетфликс ќе има ексклузивни права за емитување во Шпанија и Андора.
Според објавените информации, сите натпревари од Мундијалот 2030 во овие две земји ќе бидат достапни преку Нетфликс, наместо преку традиционалните телевизиски канали.
Покрај натпреварите, платформата ќе емитува и студиски емисии пред почетокот, за време на полувремето и по завршувањето на средбите, како и дневни прегледи и дополнителни фудбалски содржини.
Извршната директорка за содржина на Нетфликс, Бела Баџарија, изразила задоволство од соработката, истакнувајќи дека Светското првенство е еден од ретките спортски настани што обединуваат милиони луѓе.
Сепак, тоа не значи дека сите натпревари ќе бидат достапни исклучиво со платена претплата. Според договорот, во Шпанија бесплатно ќе се емитува по еден натпревар од секој натпреварувачки ден, како и сите натпревари на шпанската репрезентација, двете полуфиналиња и финалето, преку национален телевизиски канал.
Мундијалот во 2030 година ќе биде посебен бидејќи ќе се одбележат 100 години од првото Светско првенство, одржано во Уругвај во 1930 година.
Главни домаќини ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, додека по еден натпревар ќе се одигра и во Уругвај, Аргентина и Парагвај.
Договорот со Нетфликс се однесува конкретно на Шпанија и Андора и не значи дека истиот начин на емитување ќе важи и во останатите земји.
Засега нема информација дека оваа одлука ќе влијае врз телевизиските преноси на Светското првенство во Македонија.









