Откриен е идентитетот на мажот кој трагично го загуби животот по напад од тигар во зоолошкиот парк „Јоркшир вајлдлајф парк“, во близина на Донкастер, Велика Британија.
Според британските медиуми, станува збор за Вилијам Чепмен, млад маж кој влегол во заградениот простор на сибирскиот тигар Алтај, тежок околу 200 килограми.
Инцидентот се случил во саботата, нешто по 13:30 часот. Полицијата потврдила дека Чепмен бил сам во паркот и дека починал на местото на настанот.
Очевидци раскажале дека пред трагедијата мажот носел слушалки и се движел во близина на просторот со тигрите, по што ја преминал заштитната ограда.
Особено потресно е сведочењето на посетителка која го фотографирала само неколку моменти пред несреќата.
„Беше толку среќен. Ни пријде, ми го подаде телефонот и ме замоли да го фотографирам“, раскажала жената, која апелирала јавноста да не изнесува претпоставки за неговите постапки.
На социјалните мрежи се појавила и видеоснимка направена непосредно пред нападот, на која се гледа како Чепмен му се приближува на тигарот.
Според сведоците, животното најпрво го допрело со шепата, а потоа го нападнало.
Посетителите биле итно евакуирани, а на местото пристигнале спасувачки екипи и медицински хеликоптер. И покрај интервенцијата, мажот починал.
Полицијата соопштила дека неговото семејство е известено и дека добива соодветна поддршка.
Зоолошкиот парк бил затворен по трагедијата, додека надлежните институции започнале истрага за околностите на настанот и безбедносните мерки во објектот.







