Голема четиримесечна новинарска истрага на британски „Гардијан“ открива дека моќни криминални организации од Латинска Америка значително го прошириле своето присуство во Европа, воспоставувајќи блиски врски со локалните мафијашки структури.
Според истрагата, наркокартели од Колумбија, Бразил, Еквадор, Венецуела, Мексико и САД се активни во најмалку 12 европски земји.
Меѓу нив се и озлогласените мексикански картели „Синалоа“ и „Халиско нова генерација“, како и бразилските криминални организации ПЦЦ и „Командо вермељо“.
Најголемо присуство е забележано во Шпанија, Португалија, Холандија, Белгија и Франција, но активности се регистрирани и во Германија, Романија, Хрватска и Словачка.
Особено загрижувачки е што криминалните мрежи се прошируваат и кон Балканот, при што експертите ги споменуваат Бугарија, Романија и Србија.
„Се случува нешто ново со присуството на латиноамериканските групи во подрачја каде што претходно немале инфраструктура“, предупредува Даниел Бромбахер од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.
Според објавените податоци, количината запленет кокаин во Европа се зголемила за дури 471 процент меѓу 2014 и 2024 година.
Дополнително, истрагата открива дека бразилската криминална организација ПЦЦ, според разузнавачки информации, дејствува во дури 16 европски држави.
Европол предупредува дека од 731 високоризична криминална мрежа идентификувана во Европа, 149 имаат врски со латиноамерикански криминални организации.
Експертите посочуваат дека Европа станува особено привлечно место за наркокартелите поради големата побарувачка за кокаин и можноста за остварување високи профити.
Иако присуството на овие организации не значи дека тие целосно го контролираат локалниот криминал, истрагата покажува дека нивното влијание веќе не е ограничено само на традиционалните европски центри за шверц на дрога.







