ПРВ.мк
Црна Хроника

Хрватското Министерство за одбрана крена „Рафал“! Пресретна патнички авион, бил означен како закана

Хрватското Министерство за одбрана крена „Рафал“! Пресретна патнички авион, бил означен како закана

Вистинска драма се одвивала денеска на небото над Хрватска, откако хрватските воздухопловни сили испратиле борбен авион „Рафал“ за пресретнување патнички авион кој бил означен како можна безбедносна закана.

Според хрватското Министерство за одбрана, патничкиот „боинг“ имал активиран транспондерски код 7500, кој означува можно киднапирање на авион.

Станува збор за авион регистриран во Малта, кој летал на релација Грција – Германија.

По наредба на Здружениот центар за воздушни операции на НАТО во Торехон, Шпанија, хрватски борбен авион бил испратен да го идентификува леталото.

Во 11:02 часот „Рафал“ го пресретнал патничкиот авион над подрачјето на Кореница, по што пилотот воспоставил радиоврска со екипажот на цивилниот авион.

Во 11:18 часот борбениот авион извршил воздушна патрола меѓу Риека и Делнице и го придружувал патничкото летало до излезот од хрватскиот воздушен простор.

Две минути подоцна, во 11:20 часот, патничкиот авион влегол во словенечкиот воздушен простор.

За време на операцијата, хрватските министри Иван Анушиќ, Томо Медвед, Давор Божиновиќ и Олег Бутковиќ биле во координација со премиерот Андреј Пленковиќ и воздухопловните сили.

Од Министерството за одбрана истакнале дека операцијата ја покажала брзината и подготвеноста на хрватските пилоти за реагирање при потенцијални закани.

Засега не е потврдено дека навистина имало обид за киднапирање. Познато е дека авионот бил означен како можна закана поради активираниот код 7500.

Хрватска од 1 јануари 2026 година самостојно го надгледува и штити својот воздушен простор со борбените авиони „Рафал“, во рамките на интегрираниот систем за воздушна и ракетна одбрана на НАТО.