Сопругата и двете деца на аргентинскиот фудбалер Лукас Трехо се пронајдени мртви под урнатините по катастрофалните земјотреси што ја погодија Венецуела, потврдија спасувачките служби по потрага која траела 74 часа без прекин.
Земјотресите, со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтер, ја потресоа земјата во средата, предизвикувајќи огромни разурнувања. Според првичните официјални податоци, во оваа природна катастрофа загинале најмалку 1.430 лица, а бројот на жртви и понатаму се зголемува.
Трагичната вест првично ја објавил семеен пријател и поранешен фудбалер Едсон Тортолеро, кој на социјалните мрежи потврдил дека спасувачите ги извлекле телата на сопругата на Трехо, Јанина Маранела, како и на нивните две деца – Арон и Аиноа. Тој во својата објава упатил и апел јавноста да ја почитува приватноста на семејството во овие тешки моменти.

Информацијата подоцна ја потврдил и венецуелскиот прволигаш „Маритимо де Ла Гваира“, клубот за кој настапува Трехо. Од таму соопштиле дека потрагата по семејството траела три дена и три ноќи, по што биле пронајдени без знаци на живот.
Лукас Трехо, 38 години, неодамна се приклучил на клубот, а поголемиот дел од својата кариера го поминал во Венецуела. Според медиумите, неговото семејство било под урнатините за време на земјотресите, додека фудбалерот бил надвор од домот.
Особено потресно е што само неколку недели пред трагедијата, Трехо објавувал семејни фотографии и емотивни пораки на социјалните мрежи, честитајќи ѝ роденден на сопругата и изразувајќи љубов и благодарност за заедничкиот живот.
Трагедијата ја потресе и фудбалската заедница во Венецуела, при што клубот се прости и од младинскиот играч Виктор Паласиос (14) и членката на персоналот Адријана Арангурен, кои исто така ги загубиле животите во катастрофата.
Спасувачките операции продолжуваат, а властите наведуваат дека сè уште има голем број исчезнати лица, додека земјата се соочува со една од најтешките природни катастрофи во последните децении.








