Министерот за спорт Борко Ристовски денеска во Министерството за спорт се сретна со македонскиот атлетичар Дарио Ивановски и му упати искрени честитки за извонредниот резултат што го постигна на престижниот Белградски маратон.

Ивановски уште еднаш покажа дека е меѓу најдобрите македонски спортисти, освојувајќи го второто место во силна конкуренција од 2.350 маратонци од вкупно 79 земји. Со време од 2:09:35, македонскиот атлетичар беше на само 24 секунди од првото место, што дополнително го потврдува неговиот квалитет, врвната подготвеност и континуитетот во формата.
Овој резултат е речиси идентичен со неговиот национален рекорд и претставува уште една силна потврда дека Дарио Ивановски е во одличен ритам пред претстојните големи предизвици. Неговиот настап во Белград беше уште едно достоинствено претставување на Македонија на меѓународната спортска сцена.

Министерот Борко Ристовски порача дека Министерството за спорт и во иднина силно ќе застане зад спортистите кои со својата посветеност, труд и резултати ја промовираат државата на најдобар можен начин. Тој нагласи дека Ивановски е еден од најсилните македонски адути на големите натпреварувања и изрази уверување дека неговите најголеми успеси допрва следуваат.










