По две последователни сезони без ниту еден голем трофеј, во Реал Мадрид владее вонредна состојба, а претседателот Флорентино Перез е подготвен за радикален потег кој повторно може да го подели фудбалскиот свет.
Иако Алваро Арбелоа беше донесен како привремено решение по отказот на Чаби Алонсо, неговите денови на клупата се одбројани, а Перез лично инсистира на враќање на Жозе Мурињо. За разлика од претходните пати кога одлуките се носеа тимски, овојпат првиот човек на клубот сам го турка ангажманот на „Специјалниот“, верувајќи дека само неговата цврста рака може да го среди хаосот и да ги смири големите ега во тимот.
Сепак, планот на Перез наидува на огромен внатрешен отпор од дел од раководството, кои уште ги паметат длабоките поделби и конфликтите со легендите како Икер Касиљас од неговиот прв мандат. Најголемата пречка во моментот е потенцијалниот судир меѓу Мурињо и првата ѕвезда на тимот, Винисиус Жуниор. Односите се веќе затегнати откако Португалецот јавно го критикуваше Бразилецот по инцидентот во Лисабон, тврдејќи дека самиот играч ги испровоцирал расните навреди од противникот.
Додека клубот цврсто стои зад својот лидер во борбата против расизмот, ставот на Мурињо ги подгрева сомнежите дали тој е вистинскиот човек за новата ера на Реал или неговото враќање само ќе донесе нов бран деструкција во Мадрид.









