Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска го одигра својот прв сингл натпревар на еден Гренд Слем турнир, настапувајќи во првото коло на престижниот Вимблдон. Иако не успеа да приреди изненадување против фаворитката Аманда Анисимова и беше поразена со 2:0 во сетови, македонската тенисерка го оцени настапот како исполнување на својот долгогодишен сон.
По натпреварот, Ѓорческа не го криеше воодушевувањето од атмосферата и поддршката што ја добила од Македонија.
„Дури и ако не сакам да слушам пред мечот, тоа беше насекаде. Во моментов нема многу работи што се случуваат дома, па ова беше навистина голема работа за сите. Добив многу пораки за поддршка кои ми значат сè. Играњето на овој голем терен пред толку публика беше неверојатно искуство. Вимблдон е еден од најдобрите турнири во светот, а да играм против Аманда Анисимова е вистинско остварување на сонот“, изјави Ѓорческа за официјалната страница на Вимблдон.
Иако беше елиминирана во првото коло, настапот ќе ѝ донесе значаен напредок на ВТА-листата. Како тенисерка која успешно ги мина квалификациите, Ѓорческа освои 40 ранкинг поени, што по завршувањето на турнирот треба да ѝ овозможи скок до околу 200. место на светската ранг-листа.
Со ова, македонската тенисерка испиша нова страница во домашниот тенис и покажа дека може рамноправно да се натпреварува на најголемата светска сцена.









