Тажни вести пристигнуваат од Јужна Африка, каде што медиумите јавуваат за смртта на 25-годишниот фудбалски репрезентативец Џејден Адамс, кој неодамна настапуваше на Светското првенство во САД.
Адамс беше фудбалер на Мамелоди Сандаунс и член на репрезентацијата на Јужна Африка. За време на мундијалот настапи во групната фаза, добивајќи минутажа на натпреварите против Мексико, Чешка и Јужна Кореја.
Засега официјалната причина за неговата смрт не е соопштена од надлежните институции. Во дел од медиумите се појавија шпекулации за можните околности, но тие во моментов не се потврдени со официјални информации.
Дополнителна тага на целата трагедија ѝ дава информацијата дека непосредно пред натпреварот против Чешка починала неговата баба. И покрај тешката семејна загуба, Адамс решил да настапи за својата репрезентација на тој натпревар.
Спортската јавност во Јужна Африка се простува од младиот фудбалер, додека се очекуваат официјални информации за причините и околностите на неговата смрт.









